ВЕСТИ

Вистинско решение за проблем со акните

B5 Full Hd 05 Scaled

Акните (acne vulgaris) претставуваат кожно заболување, кое се карактеризира со засилена продукција на себум во лојните жлезди на кожата, кој заедно со мртвите кожни клетки формира чеп во фоликулите на влакната и блокирање на физиолошкото дренирање на кожата. Овие состојби доведуваат до формирање комедони (попoзнати како црнки), кои заедно со бактериската колонизација во кожата, иницираат воспалителен процес кој резултира во појава на акни. Акните се јавуваат во регии кои се најбогати со лојни жлезди, а тоа се лицето, грбот и градите. Акните не се животно загрозувачка медицинска состојба, но може да бидат сериозен и долготраен естетски проблем. Студиите велат дека 80 % од популацијата на возраст од 11 до 30 години имаа некаков облик на акни.

Причини за појава на акни

Причините за појавата на акни е непозната, но се смета дека вклучува комбинација на неколку ризик фактори.

  • Акните често се хормон – предизивикани – Андрогените хормони поттикнуваат засилена продукција на себум од лојните жлезди. Адолесцентите во пубертетот минуваат низ драматични хормонални промени и затоа се посебно подложни на појавата на акни.
  • може да се последица на земање некои лекови, како и при користење неадекватна козметика, за која велиме дека е комедоногена.
  • семејна историја на акни – генетиката игра важна улога кај акните. Зголемен ризик за појава на акни има кај тинејџерите чиишто родители имале акни,
  • пушење, стресот, загадувањето, исхрана (особено, храна со висок гликемиски индекс) и др.

Третмани за акни

Лекувањето на акните е специфичен, долготраен и многу индивидуален процес. Она што е особено важно е првиот преглед да биде направен од страна на дерматолог кој ќе ја постави точната дијагноза и ќе отпочне со соодветна терапија. Начинот на лекување и времетраењето се определува според возраста на лицето, општата здравствена состојба и сериозноста на акните.

Методите на третман на акни имаат за цел:

  • да го намалат прекумерното лачење на себум од лојните жлезди (себостатско дејство), отстранување на површинските кератински мртви клетки (комедонолитично дејство) и бактерицидно дејство врз бактериите, присутни во каналот на лојната жлезда.

Третманот за акни вклучува комбинација на локални креми, гелови и лосиони, како и орални лекови кои се даваат кај потешки форми на акни.

Локална терапија за акни

При третманот на акни прво се започнува со топична (локална) терапија која вклучува медицински дерматолошки производи за акнеична кожа. Тоа се лосиони, креми, гелови кои по својот состав најчесто се: бензоил пероксид , азелаична киселина, салицилна киселина, адапален (ретиноиди), антибиотици и други. Дерматолозите препорачуваат најмалку два до три месеци доследно придржување кон режимот за локална терапија, за да се добие соодветен тераписки одговор.

Лекови за орална употреба во третманот на акни:

Средно тешките и потешките форми на акни може да се третираат со орални антибиотици кои имаат антиинфламаторен ефект. А кај некои форми на акни кај жени, се препишуваат орални контрацептивни  или Спиринолактон.  Изотретиноин може да се препорача кај тешки форми на акни или акни кои не реагираат на други типови терапија.

Додатоци во исхраната во терапија на акни

Цинк, селен, ниацин и Б5 витаминот (пантотенска киселина) се микронутритиенти потребни за себорегулација, епителизација и ревитализација на кожата. Затоа се често и составен дел на козметиката наменета за акнеста кожа како и во голем број додатоци во исхрана. Студиите потврдуваат дека 12 неделна суплементација на Б5 доведува до сигнификантна редукција на акните, има себостатстко дејство и  игра улога не само во третманот туку и превенција на појавата на нови акни.

Совети за третман на акнеична кожа:

  • Кожата треба да се чисти не повеќе од два пати во текот на денот, наутро и навечер. Прекумерно миење на лицето исто така ја дехидрира кожата и ја прави поподложна за развој на акни.
  • Користете нежни средства за чистење на кожата наместо сапуни или пилинг – Нежните средства за чистење на кожата (т.е. синтетички детергенти за чистење – синдет) поседуваат pH од 5,5 до 7, што е блиску до нормалната pH на кожата.
  • Користете соодветни козметички продукти. Проблематичната кожа бара соодветна грижа и користење на козметички продукти наменети за кожа со акни. Изборот на производи со етикета што укажува на „некомедогени“ својства или помала тенденција за „блокирање на порите“
  • Избегнувајте стискање и чепкање на акни – Дополнителната траума на кожата, може да ги влоши акните или полошо, да доведе до формирање на лузни.

 

Доц. д-р Весна Бришкоска Бошковски 

спец дерматовенеролог